Cпоред Законот за безбедност и здравје при работа(“Сл. весник на РМ“, бр.92/07), работодавачот е должен да ја организира, уредува и обезбедува безбедноста и здравјето при работа во согласност со одредбите од овој Закон, како и во согласност со одредбите на други закони и подзаконски прописи кои се однесуваат на неговата конкретна работна средина.
Притоа работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства.
Без разлика на претежната дејност, работодавачот согласно чл.17 од Законот, мора да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа особено со:
- назначување на едно или повеќе стручни лица за безбедност (интерно или надворешно).
- донесување на безбедносни мерки против пожар во согласност со посебни прописи.
- донесување мерки за прва помош и евакуација во случај на опасност.
- обука на вработените за безбедно извршување на работата врз основа на сопствена програма.
- обезбедување опрема за лична заштита за вработените и нејзината употреба, доколку преземените безбедносни мерки во работната средина не се доволни.
- вршење повремени прегледи и испитување на работната средина и опрема.
- следење на здравствената состојба на вработените.